Совети за полнење

Секој сопственик на EV или иден сопственик, треба да биде запознаен со користењето на електромобил во текот на целата година. Повеќето производители на електромобили го претставуваат максималниот дострел од едно полнење во перфектни услови на возење. Сопствениците на електромобили треба да бидат свесни дека често не можат да ги изминат километрите наведени од производителот со едно полнење. Исто така постојат и исклучоци, кога електромобилот може да измине онолку колку е наведено во различни ситуации. Потрошувачката на енергија зависи од критериуми како: релјеф, климатски услови, брзина и начин на управување.

Повеќето електромобили на пазарот се за користење во градски услови поради капацитетот на батеријата и самиот уред на автомобилот. За возење со електромобил во градска средина, во повеќето случаи малата батерија е доволна, бидејќи има многу станици за полнење каде можете да го наполните автомобилот, на пример во време на ручек. Корисно е електромобилот да се полни до 80% и да не паѓа под 20% за да се зачува животот на батеријата. Кога ја полните батеријата до 100%, добро е да се испразни веднаш по полнењето за да нема задржување на високи вредности во ќелиите, што може да доведе до оштетување на батеријата. Исто така, избегнувајте полнење на DC станици за да ја заштитите батеријата, доколку имате можност. Најбезбедниот начин за полнење на батеријата е од Шуко приклучок, бидејќи батеријата се полни бавно. Секоја промена на надворешната конструкција може да доведе до зголемена потрошувачка на електрична енергија. На пример, ако ги смените гумите на електромобилот и не се со одредената спецификација за нив, или ги смените бандажите со поголеми, веднаш ќе забележите разлика. Исто така, треба да го почитувате зададеното од производителот притисок во гумите. Во зимската сезона, кога ставате зимски гуми, потрошувачката се зголемува и автомобилот почнува да изминува помалку километри со едно полнење.

Минусните температури исто така влијаат врз потрошувачката и полнењето на електромобилот. Ако електромобилот не се полни со максималната брзина наведена од производителот, тоа може да се должи на ниската температура на батеријата. За да полни автомобилот со максимална брзина, батеријата треба да биде загреана. Повеќето електромобили имаат воздушно или водено загревање на батеријата. Исто така можете да ја загреете батеријата со возење на автомобилот пред да го приклучите за полнење. Електромобилите често не се полнат со максимална брзина ако батеријата е под 10% или над 90%. Првите и последните проценти се најбавни за полнење, бидејќи на тој начин електромобилот ги заштитува и балансира ќелиите во батеријата.

Кога температурата е со плус вредности и особено во летната сезона, можеме да достигнеме максимален дострел од едно полнење, како и максимална брзина на полнење. Има особености и при високите температури кои исто така влијаат на електричните возила. За некои електрични автомобили со воздушно ладење, треба да знаете од каде го зема воздухот за ладење. Ако е од кабината и не минува преку климатикот, корисно е при топли денови да не се полни на DC брзи станици со затворени прозорци на отворено, бидејќи температурата во кабината на автомобилот е висока и може буквално да ги изгори ќелиите на батеријата. Исто така, можете претходно да го вклучите климатикот на ладење за да ја лади кабината, но при овој вариант потрошувачката на енергија при полнење ќе се зголеми.

Кај електромобилите со воздушно ладење со климатик и водено ладење, автомобилот го регулира овој процес и полнењето во топли денови е доста лесно.

Се препорачува пред да тргне на долги растојанија, сопственикот на електромобил да го испланира своето патување - каде може да наполни и секогаш да има резервна опција за полнење. Како и времето за кое ќе полни, за да избегне долг престој на едно место. Корисно е да се знае дека кога нема станици, можат да побараат обичен Шуко приклучок кај подземни паркинзи, трговски центри и слични места. Дури и бавното полнење може да биде единствената опција за стигнување до крајната точка на патувањето.

Кога полните електромобил или плагин хибрид на Шуко, уверете се дека автомобилот е правилно поврзан. Исто така, адаптерот за полнење од Шуко следи дали има заземјување на електричната мрежа, без кое автомобилот нема да дозволи полнење. При полнењето од станици за електромобили, уверете се дека автомобилот е поврзан и полни. Кај некои станици потребно е да се активира портот на различен начин. Може да биде со картичка, апликација, сајт или со притискање на копче на контролната табла на самата станица.

Целата информација е изработена врз основа на нашето лично искуство!